Отворен 53-от Балкански фестивал на народни песни и игри кој се одржува во Охрид …
Народната игра и песна како дел од фолкорот и дел од севкупното духовно творештво на еден народ се значаен субјект на националниот и културниот идентитет на секој народ, имуни на времето, државните граници и дневно-политичките случувања. Тоа го порача вчера на отворањето на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, покровител на манифестацијата.
– Македонскиот народ досега секогаш успевал, назависно околностите, да го зачува највредното и да го пренесе на поколенијата…Да го сочува својот национален и културен идентитет. Чувајќи го и пренесувајќи го на генерациите, македонскиот народ секогаш ги ценел и уважувал различните културно особености, гледајќи на нив како на цивилизациско богатство, истакна тој.
Гостите на отворањето на фестивалот на сцената на Долни Сарај ги поздрави и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, посакувајќи им добредојде на учесниците на Балканскиот фестивал, успешни настапи, додека на публиката прекрасни моменти и уживање во песната и игрите на ансамблите од Македонија, Грција, Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Австралија и Полска.
– Охрид овие денови ќе сјае во колоритот на носиите и ќе ве разгалува со игра и песна на многу народи, во чија основа лежи фолклорот како еден од најзначајните темели на специфичните култури и насионални идентитети… Амбиент кој обединува и ја промовира општоцививилизациската придобивка на создавање единство во различностите, истакна Бакрачески.
И оваа година честа да го отвори фестивалот му припадна на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, заедно со фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“ од Неврокоп, Република Бугарија.
Балканскиот фестивал на народни песни и игри е еден од ретките манифестации од тој вид во регионот што опстојува веќе пет децении и успева да го задржи високото реноме, притоа покривајќи ги сите трошоци за престој на учесниците на фестивалот.