Конкурсот за најпрестижниот македонски фестивал на забавни мелодии „Макфест“, кој што оваа година ќе се одржи од 11-13 октомври, е отворен.
Градот Штип и Домот на културата „Ацо Шопов“ по 27-ми пат ќе бидат домаќини на најквалитетниот македонски фестивал кој и оваа година ќе го раководат Јован Јованов и Кристијан Стефановски, односно продукциската куќа „Нова Икс Идеја“.
Концептот на фестивалот останува истиот од минатата година – музичка програма која ќе го крене фестивалот на едно повисоко ниво со талентирани изведувачи и секако, квалитетни композиции кои потоа ќе станат хитови вредни за паметење.
– Веќе од понеделник започнуваме со работа на овогодишното издание на „Макфест“ и да ги договараме изведувачите. Сега имаме повеќе време да ја оствариме заедничката цел со сопственикот на фестивалот градот Штип- „Макфест“ да го доведеме до перфекција – изјавуваат организаторите Нова Х Идеа.
Како и секоја година, трите фестивалски вечери, со директен пренос ќе бидат прикажани на една од нашите национални ТВ- куќи.