Министерката Елизабета Канческа-Милевска вчера (20 април 2012) во Белград, Република Србија се обрати на министерскиот состанок на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ), кој се одржува под претседателство на Република Србија.
Темата на состанокот на кој беа присутни министри за култура и нивни претставници од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Романија, Бугарија, Грција и Молдавија, најновата членка на КОМОКОСЕЕ, како и претставници на Советот на Европа, ЕУ и од УНЕСКО, беше заштитата на аудиовизуелното наследство и финансирање на микробуџетски филмови.
Канческа-Милевска пред присутните подвлече овој состанок ќе овозможи размена на конструктивни идеи кои ќе решат важни прашања за сите земји членки, прашања кои ќе придонесат заеднички да се трасира напредокот во сферата на аудиовизуелната дејност.
– Секоја година КОМОКОСЕЕ прераснува во се помоќен форум за соработка и разбирање, место за пласирање на нови иницијативи, размена на мислењa, соработка која докажува дека овој собир е потенцијален чинител на нашата заедничка културна политика, на нашата заедничка европска иднина.
Заклучоците кои ги донесовме на досегашните состаноци на КОМОКОСЕЕ го збогатија културниот пејсаж на Југоисточна Европа и воведоа нов интегриран пристап во заштитата на културното и природното наследство на нашиот континент, истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека македонската аудиовизуелна уметност денес созрева во своите идејни решенија, паралелно со најсовремените аудиовизуелни проекти на земјите со висока технолошка развиеност, а во изминатиот период Владата на Република Македонија и Министерството за култура посветија големо внимание и вложија многу средства за унапредување и развој на аудиовизуелната дејност.
Во рамките на конференцијата, на која во текот на денот ќе биде потпишана и усвоена Белградска декларација, Канческа-Милевска претпладнето оствари и билатерална средба со српскиот министер за култура, информации и информациско општество Предраг Марковиќ. На средбата беше потпишана Програма за билатерална соработка во областа на културата и уметноста помеѓу Министерствата за култура на Република Македонија и Република Србија, за периодот 2012 – 2014 година, а беа потенцирани одличните културни односи кои постојат меѓу двете земји.
Канческа-Милевска истакна дека Министерството за култура на Република Македонија настојува да ја унапреди билатералната соработка со српското министерството за култура, поддржувајќи иницијативи и на српските здруженија и заедници во сите области на културата, како и на репродуктивните уметници од Македонија кои имаат интерес да се презентираат во Србија. Таа ја потенцираше и важноста од зацврстување на билатералната соработка во областа на филмската и аудиовизуелната уметност, што е во фокусот на интерес на српското претседателство со КОМОКОСЕЕ, вклучувајќи ги и учествата на меѓународните филмски фестивали, како и поттикнување на размена на рекламни материјали, списанија и други публикации од оваа област.
Во текот на попладневните часови министерката за култура Канческа-Милевска оствари и билатерална средба со министерот за образование, наука и култура на Република Словенија, Жига Турк.