За само три месеци Град Скопје успешно го заврши проектот за проширување и реконструкција на булеварот Свети Климент Охридски, на потегот од раскрсницата со улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до раскрсницата со булеварот Партизански одреди во должина од 524 метри.
Градоначалникот Коце Трајановски, премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ денеска (среда, 7 септември 2011 година) и официјално го прогласија булеварот отворен за сообраќај.
– Ми претставува особено задоволство што токму по повод 20-годишнината од независноста на Република Македонија можам да објавам дека Градот Скопје успешно ја заврши првата фаза од проектот за проширување и реконструкција на булеварот Свети Климент Охридски. Од почетокот на реконструкцијата на 8 јуни, за само три месеци, булеварот Свети Климент Охридски доби по три коловозни ленти во секоја насока, широки по 3,5 метри, средишно зеленило на чиешто место ќе се формира жардиниера и нови тротоари покриени со бекатон-плочки. Значајно е што на некои места каде што тротоарот беше многу тесен и речиси непрооден сега има прифатлива ширина од 1,5 метри. На проширениот дел од булеварот Свети Климент Охридски асфалтирана е површина од 13 423 квадратни метри, наместени се нови рабници во должина од 2 280 метри, а со бекатон-плочки е покриена површина од 2 350 квадратни метри – рече денеска Градоначалникот Трајановски.
Тој додаде дека со проектот се преуредени и постојните крстосници – на крстосницата со булеварот Партизански одреди се скратени пешачките острови со што булеварот Партизански одреди доби трета коловозна лента во насока кон центарот на градот. На крстосницата со улицата Димитрие Чуповски се уредени пешачките острови и е направен нов распоред на семафорските столбови.
Проширувањето на булеварот Свети Климент Охридски е само уште еден во низата капитални проекти на Градот Скопје коишто значително ќе придонесат за намалување на сообраќајниот метеж во градот, ќе го скратат времето на патување и ќе придонесат за заштита за животната средина – нагласи Градоначалникот Трајановски.
Премиерот Никола Груевски рече дека булеварите и улиците во градот полека, но сигурно го добиваат посакуваниот лик и можат да одговорат на зголемениот интензитет на сообраќај.
– Одбележувањето на значајната годишнина од осамостојувањето на нашава земја не се однесува само на музичкиот дел, туку на успешно завршените проекти коишто ветуваат подобри услови за живот за идните генерации, во коишто се вбројува и проширувањето на булеварот Свети Климент Охридски. Веќе следната година го очекуваме продолжението на овој проект – рече премиерот Груевски.