Традиционална прослава на Бадник пред Соборниот храм

Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ денеска (недела, 06 јануари 2013 година) се одржа традиционалниот народен собир по повод големиот христијански празник Бадник, што е во организација на Граѓанското здружение Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје, а со поддршка на Градот Скопје.

Кум на годинешното одбележување на празникот е скопскиот бизнисмен Даниел Воиновски, а здравичари – членовите на „Силви бенд“.

На традиционалното делење на Бадниковите гранчиња на платото пред Соборниот храм денеска присуствуваше и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

– На овој ден и во годината што е пред нас да најдеме повеќе време за нашите најблиски, да не води добра мисла и да се стремиме кон остварување на нашите цели. На овој голем ден да си посакаме добро здравје, мир, среќа и успеси – порача Мишева.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.

– Честитајќи си го овој празник да си посакаме радоста на овој ден да допре до сите, а мирот, единството и меѓусебното почитување да завладеат меѓу нас – рече г.г. Стефан.

Здравицата за Бадник во форма на песна ја изведоа членовите на Силви бенд.

Традиционалното одбележување на Бадник пред Соборниот храм годинава се одржа по 21.пат.

 

You May Also Like