Вчера вечер (четврток, 21 март), во галеријата при МКЦ беше отворена петтата самостојната изложба на македонската уметница Билјана Василева со назив “Keep calm and have vagina”.
Авторот се престави со триесетина нови дела (масла на платно, цртежи), за кои кураторот на изложбата, академскиот ликовен уметник Горјан Ѓорѓиев, истакна:
„Во игрите на провокација, имагинација и инвенција, Василева поместува некои граници или пак се потпира на веќе поместени граници во светскиот ликовен израз. Заеднички именител на сите нејзини дела се здравата линија, темнината или скриеноста на внатрешноста, црната и поцрната боја со која Билјана во секој поглед ги провоцира сите околу за нејзиното битисување. Во овие, слики и цртежи, има директна тема, тема на секој позната, тема која секој јасно ќе ја доживее и ќе го возбуди. Набљудувајќи од еден момент до друг, порнографската метафора се претвора во естетска едноставност каде што пораката почнува да ја добива магијата на окултност мистиката и езотериката“.
Изложбата ќе биде отворена до 10 април, 2013 година. Галеријата при ЈУ МКЦ работи секој ден, од 10:00 до 20:00 часот.