Вечерва на програмата е Интернационално читање на 26-тата “Поетска ноќ во Велестово” која ќе се одржи во Охрид …
Во рамки на 26-та манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 21 часот ќе се одржи интернационално поетско читање. Ќе се претстават поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија.
Интернационалната вечер се одржува од 2008 година и до сега се претставиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, Србија, Црна Гора, Словачка, Норвешка, Бугарија, Албанија, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.
Во соработка со Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата. Промоцијата ќе се одржи на 18 август во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски.
Промотори ќе бидат Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски. Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Гузел, Радован Павловски, се до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче…
Манифестацијата е помогната од Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, Комерцијална Банка …