„Игротека-библиотека“ во која децата кои се хоспитализирани на Универзитетската клиника за детски болести ќе може да го поминуваат своето време во читање книги, е отворена денеска во таа јавна здравствена установа, во организација на Градска библиотека „Браќа Миладиновци”, а по повод Светскиот ден на здравјето.

Директорот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Бранко Цветкоски на отворањето изјави дека „Игротека-библиотека“ е резултат на големата хуманитарна акција „Читај книга и подари здравје“ која во октомври се одржала во библиотеката.
Се заблагодари на тимот на библиотеката кој се заложил за максимално учество во нејзиното опремување, на авторите на литературата за деца од Македонија кои подариле свои книги, на 50 јавни личности кои учествувале во големата акција, денот кога тие биле библиотекари и кога во библиотеката имало многу посетители.
– Резултат на таа акција е оваа мала библиотека која ќе им помогне на дечињата кои по силата на здравствените околности мора да престојуваат тука, а ние ќе им го олесниме нивниот престој. На тој начин ја споивме грижата за здравјето и љубовта кон книгата во еден убав културен гест, додаде Цветкоски.