Повеќе од 150 наставници и експерти по историја од цела Европа учествуваа во работата на 21-та годишна конференција што од 21 март до 6. април во организација на Европската асоцијација на професори по историја (ЕУРОЦЛИО) и Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија се одржуваше во Охрид, Струга и Битола.
На собирот „Историја без граници: Како да се сподели нашето културно наследство“ беа разгледувани начините како да се насочат активностите кон единствената цел на здружението – да се мотивираат учениците за критичка дебата насочена кон промоција на различните мислења и нови приоди кон начините за споделување на заедничкото културно наследство.
Собирот во Охрид се одржа со поддршка на македонските министерства за култура и за образование и наука, како и во соработка со општините Охрид и Битола.
На конференцијата присуствуваа и претставници на Работната група за култура и општествен развој при Мисијата на ОБСЕ во Македонија. Инаку, Европската асоцијација на наставници по историја (ЕУРОЦЛИО) е организација што функционира под покровителство на Советот на Европа, во која членуваат 59 асоцијации на наставници по историја и експерти од 52 држави од континентот.
Целта на организацијата е да промовира иновативен пристап кон начинот на изучување на историјата во образовниот процес, преку промовирање на критичко размислување со мултиперспективен приод, заемно почитување и отворени дебати по контроверзни прашања, сето во насока на изградба на здрава основа за продлбочување на професионална прекугранична соработка на експертите по историја што доаѓаат од различни средини, држави, етнички групи и религии.