Над 70 издавачи ќе учествуваат на 26. Меѓународен саем на книгата кој од денеска (8 април) до 14 април ќе се одржува во Метрополис арената на Скопски саем, на вкупна површина од 3.000 метри квадратни. Мотото годинава е „Саемот на книгата – саем за љубовта кон пишаниот збор“.
Сaeмот вечер во 19 часот ќе го отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На штандовите по саемски цени ќе се продаваат книги од најновата издавачка продукција во Македонија и преводни изданија, различни жанрови – белетристика, научна литература, енциколпедии и речници, книги за деца…
Организаторите – Скопски саем и Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) најавија учество и на странски издавачи – Бугарија, Албанија, Србија (претставувана од Народната библиотека), Италија и Шведска (преку нивните амбасади во Скопје) и Унгарија (Институтот Балаши од Будимпешта и Лекторатот по унгарски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“).
Во седумте дена на саемската манифестација ќе има секојдневни промоции и читања во Промотивниот центар на галеријата во арената Метрополис.
На 12 април ЗИКМ ќе ги додели и традиционалните награди – за најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на саемот и наградата за најдобар книжар на годината во Македонија.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ ќе организира промоции на наградени македонски автори – добитници на домашни и на меѓународни награди и признанија, а некои издавачки куќи на саемот ќе ги доделат наградите од своите конкурси.
Освен гостувањето на авторката од Србија Исидора Бјелица, кое го организира издавачот „Три“, на саемот ќе нема познати странски автори.
За време на саемот ќе биде организирана и кампања на Фејсбук, на тема „Прати најљубовна порака поврзана со книгата и пишаниот збор на Фејсбукот на Скопски саем и добиј книга!“.
Организаторите очекуваат голема посетеност со оглед и на симболичната цена на влезницата – 30 денари и 20 денари за групни посети. Со околу 40.000 посетители, Саемот на книгата е втора по атрактивност саемска манифестација, зад Саемот на мебел – кој е најпосетен.
Саемот на книга ќе работи од 10 до 20 часот.