Македонци на обука во Италија во борбата против недозволена трговија со културното наследство

Претставници од Управата за заштита на културното наследство, царинската служба и полицијата на обука во Италија …

unescoНационалната комисија за УНЕСКО на Република Македонија, по реализираните двa регионални семинари (во 2006 и во 2011 год.) за имплементација на Конвенцијата на УНЕСКО за недозволена трговија со културното наследство, договори со Регионалното биро на УНЕСКО организирање на обука за 10 учесници од Македонија во Рим, Италија, во периодот од 12 до 18 октомври 2014 година. Поголемиот дел од обуката е наменет за македонската полиција, но и за претставници на Царинската служба, Управата за заштита на културното наследство и на правната служба во Министерството за култура која се занимава со оваа проблематика.

Според предложената програма, македонските учесници на обуката ќе имаат можност да се запознаат со: структура и задачите на службите на италијанската полиција – карабинери задолжена за борба против нелегалната трговија со културното наследство; задачите на мониторингот на трговијата со културни добра; обезбедувањето на музеите; активностите за превенција, мониторинг и обезбедување на археолошките наоѓалишта и др. По реализираната обука во Италија, македонските учесници би стекнале непосредно искуство кое подоцна би можеле да го пренесат на своите колеги и, всушност, би се овозможило во иднина да имаме наши обучувачи за оваа проблематика.

Реализацијата на оваа обука е во контекст на заложбите на Министерството за култура за вистински и интегриран приод кон зачувувањето на културното наследство и спречувањето на недозволената трговија со културните добра, при што стручните лица од соодветните служби ќе имаат можност за размена на искуства и нови решенија во контекст на сузбивањето на недозволената трговија со културните добра.

Борбата против недозволената трговија со културното наследство е од висока важност на политичката агенда на сите држави од југоисточна Европа кои ја имаат ратификувано Конвенцијата на УНЕСКО за мерки за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос на сопственост на културни добра од 1970 година, што Македонија ја ратификуваше во 1997 година, по пат на сукцесија. Во 2011 година Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, со поддршка на националните комисии и министерствата за култура на земјите од југоисточна Европа, а меѓу нив и Македонија, издаде 15-минутно видео за чувствителноста на борбата против недозволената трговија со културни добра. Благодарение на поддршката на австриската федерална влада, видеото е преведено на сите јазици на земјите од југоисточна Европа, вклучително и на македонски, и во договор со УНЕСКО беше дистрибуирано до сите надлежни институции.

Република Македонија во изминатиот период направи позитивен и сериозен исчекор во спречувањето на недозволената трговија со културното наследство. Во координација со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Министерството за култура, беа спроведени многу акции при што само минатата година беа евидентирани обиди за нелегална трговија на над 500 културни добра. Овие бројки говорат за нашиот одговорен пристап кон културното наследство на Република Македонија и за преземените мерки и активности кои се во насока на обезбедување повисок степен на безбедносна заштита на наследството.

Во соработка со Царинската управа беше отворено и информативно катче на аеродромот „Александар Велики“ со цел да ги информираме царинските работници, но и граѓаните како може да распознаат оригинал и копија и какви вредности не е дозволено да се изнесуваат од државата.

Освен на национално ниво, во изминатиот период реализиравме и многубројни активности во меѓународен контекст, меѓу кои и заедничките проекти со Азербејџан, кој е претседавач со европскиот регион во Светската царинска организација и посветеноста на Царинската управа на оваа држава во спречувањето на недозволената трговија, која е инспиративен пример за сите нас.

Република Македонија безрезервно ги поддржува и ги поздравува напорите на Светската царинска организација чија цел е поттикнување на ефективна соработка, партнерство и размена на информации со другите меѓународни организации, како што се ИКОМ, УНЕСКО и Интерпол, во насока на поефективна борба против нелегалната трговија со културни добра.

You May Also Like