Отворање на параглајдерско полетувалиште во Крушево

Утре (23 јули, среда) Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, во соработка со Општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Воздухопловната федерација на Република Македонија и искусни параглајдеристи од земјата, свечено ќе го отворат параглајдерското полетувалиште “Мечкин Камен – Исток”.Настанот ќе започне во 11:30 часот. Полетувалиштето се наоѓа во близина на локалитетот Мечкин Камен.

krusevo panorama

Златко Спиркоски, инструктор по параглајдинг, ќе ја претстави новопоставената опрема на полетилиштето и ќе ја демонстрира употребата на истата. По кратката демонстрација, изјави за медиумите ќе дадат: Џејмс Стаин, директорот на мисијата на УСАИД во Македонија; Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево; Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, претставник од Воздухопловната федерација на РМ и господинот Златко Спиркоски.

По давањето на изјавите, со сечење на лента симболично ќе се отвори новоопременото полетувалиште. По отворањето, доколку временските услови дозволуваат, дел од присутните (вклучувајќи и дел од медиумите) ќе можат заедно со искусни пилоти-параглајдеристи да искусат тандем-лет со параглајдер.

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси оваа година ќе опреми 4 полетувалишта и слетувалишта за параглајдинг во Македонија. Параглајдингот е популарен кај странските спортисти и кај туристите, кои ги користат услугите на локалните клубови за параглајдинг, преноќуваат и трошат пари во земјата, со што придонесуваат за зголемено слевање на средства во локалните економии. Новата опрема ќе ги направи овие терени попривлечни за странските и домашните посетители.

You May Also Like