„Сината птица“ за старт на новата сезона на Театар 007

Новата сезона, Независната продукција „Театар 007“, ја почнува денеска (недела, 30 септември, 2012година), со изведба на претставата „Сината птица“, од Морис Метерлник и тоа на новата реновирана сцена „Мала сцена“ која почна со работа од април годинава, во рамките на Универзална сала – Скопје.

 

„Сината птица“ е една од ретките во Македонија, работена според техниката „black light theatre“. Тоа е претстава за сонот. Сон во кој преку двете дечиња: Тилтил и Митила се обидуваме да ги потенцираме човечките доблести: за пријателството, другарството, почитта кон постарите и хуманоста, наспроти лицемерието, злобата и љубомората, кои не се својствени за нас луѓето. „Сината птица“ е претстава во која говориме дека е убаво да се сонува. Сонувајќи, ние можеме да ги видиме и невидливите нешта… да видиме што се случува во Иднината или Минатото… да ги чуеме и видиме сите магични места и предели. Секако дека за тоа нам ни е потребна Сината птица, која верувале или не таа постои, во нашата имагинација, во нашите сеќавања“, вели режисерот на оваа претстава Игор Ивковиќ.

 
„Претставата изобилува со сценска магија, несекојдневна за нашите театарски сцени. Покрај играта на актерите со мариoнети, кукли ние со оваа претстава нудиме една поинаква театарска естетика, во која доминира илуминацијата од светлосни ефекти и бои. Успехот на премиерата, потврди дека децата, но и возрасните сакаат да уживаат во патувањето низ сонот на Тилтил и Митила (нашите главни херои) од претставата и дека преку оваа претстава, сонот навистина може да стане реалност.“ вели Миодраг Костиќ, продуцент во Театар 007.

 
Претставата е во режија на Игор Ивковиќ, а во продукција на Миодраг Костиќ. Во неа играат: Влатко Толески (Птицата), Филип Кипровски (Тилтил), Јана Пауноска (Митила), Борјана Атанасовска (Самовилата), Ивана Велковска (Светлината), Фаик Мефаиловски (Кучето), Љупчо Бојковски (Дедото), Дарко Богесски (Мачката)Автор на музиката е Гаврило Миловановиќ.

 

You May Also Like