Успешно заврши првото издание на ТРПЕЗА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ во организација на Слоу Фуд Битола заедно со Слоу Фуд Млади Македонија, а кој беше во програмата на Бит Фест. Фестивалот се случуваше во неделата и вчера во мезе – бар Јагода и Завод и Музеј.
Во двата фестивалски дена, посетителите на фестивалот проследија проекции на неколку долгометражни филмови и десетина кратки филмови кои во фокус ја ставаат храната.
Целта на самиот фестивал беше едноставна, што поголема маса на луѓе преку големото платно и работилниците да се едуцираат и посуштински да размислуваат кога ги прават нивните избори за она што ќе има на трпезата и за нивните прехранбени навики.
„Драго ми е што ги реализиравме сите зацртани настани кои беа предвидени во обемната програма на фестивалот. Се надевамдека првото издание ќе претставува отскочна штица за што поголеми изданија на овој фестивал во иднина и ТРПЕЗА ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ќе биде една убава традиција во градот. Им се заблагодарувам на волонтерите и компаниите кои несебично придонесоа за Трпеза да блесне во најубавото светло и Општина Битола која го вклучи настанот во прграмата на Бит Фест“ – изјавува Емилија Неделковска од организацијата на фестивалот.
Покрај работилниците и дегустациите со возрасни, се одржа и уникатна работилница за деца во соработка со училиштето за англиски јазик Rosetta Stone каде најмалите учеа колку е важна храната за нашето здравје.
Голем интерес кај публиката предизвика ЕАТ ИН перформансот со паста, на кој секој заинтересиран имаше можност да ја вкуси најдобрата Pelafino паста, како и готвачкото шоу заедно со Zepter, каде паровите приготвија деликатеси од нивната заедничка кујна, потенцираа дека љубовта доаѓа преку желудникот и тоа дека секој родител ја има најголемата обврска, своето дете да го храни со најздравото од трпезата.