Можеби постојат деца кои се сомневаат во постоењето на Дедо Мраз и неговите способности да го обиколи светот само за една ноќ, раздавајќи безброј подароци, но во постоењето на неговата мила сопруга, немаат никакви сомнежи. Зошто нема ништо пореално од ликот на Баба Мразица, седната навечер до каминот, која плете волнени чорапи и разлистува стара тетратка со вкусни рецепти.
Денес нема да зборуваме за белобрадиот старец – тој цел декември е на пат и е презафатен со бескрајниот список на желби,кои му го полнат домот цела година. Затоа денес ќе научиме нешто повеќе за неговата сопруга.
Таа на пример ги знае најомилените јадења на дедото и секогаш му ги приготвува со насмевка и љубов. Се грижи и за стомачињата на работливите елфови, за да бидат наполнети со превкусни гозби. Освен тоа се грижи за дневниот распоред на Дедо Мраз, за тој да не се измори од премногу работа,да си легнува навечер навреме,за да биде наутро свеж и спремен за нови подвизи. Особено сега, особено околу Нова Година.
Во ова време од годината, двајцата се наоѓаат во Рованиеми, Финска во “Санта парк”. Таму е работилницата на елфовите (џуџињата), таму е и поштата, на која пристигаат писмата на деца од цел свет. Таму се наоѓа и кујната на Баба Мразица, каде таа ги приготвува своите прочуени колачи, чија арома ги опива сите посетители, кои дошле да се запознаат со Дедо Мраз.
Во кујната таа го користи својот специјален прибор за готвење . Една елфска (џуџешка) шапка е еднаква на еден децилитар, а една тролска нога – над 10 кг. Пола дузина елфови се четири души, а една кратка дремка на Дедо Мраз е еднаква на еден час.
За жал повеќе од рецептите се чувани во тајна, а може и така треба да биде. Зошто дури и Баба Мразица, која се смета себеси за сосема обична дама, има право на своите мали волшебни чуда.
За среќа пак, сите љубопитни кои имаат желба да вкусат некој од омилените рецепти на белобрадиот старец , сајтот www.santapark.com објавува некои од нив, со специјално одобрение од неговата сопруга.
Разделени се на сезони и имаат вкус на маринирани печурки, пита од боровинки и пудинг од ориз. А најомилениот рецепт на Дедо Мраз, кој Баба Мразица со задоволство му го приготвува е:
За да ја приготвите, ви треба едно големо парче солена шунка, кое тежи горе-доле колку една тролска нога (10 кг), малку црно р’жано тесто со кое треба да ја покриете. Прво пригответе си го тестото, замесете ½ тролски бокал вода (500 мл) со 1 елфска шепа сол (1 с.л.), 7 елфски шапки р’жано брашно (3 ч.ч.) и 7 елфски шапки бело брашно (3 ч.ч.).
Баба Мразица советува да го замесите брзо тестото, по можност со помош на елфовите (џуџињата). Ако намате елфи наоколу, едно-две дечиња исто би завршиле добра работа. После тестото расукајте го на лист со дебелина околу 1 см. и навиткајте ја добро шунката во него.
Ставете да се пече на 175 степени околу еден час, додека тестената коричка зарумени,а после намалете ја температурата на 110 и оставете да се испече целосно. А како да разберете кога е печена шунката?
За добро печење се потребни блиску една дремка на белобрадиот старец (1 час) на секој килограм месо.
Најдобар индикатор за тоа дека јадењето е готово и чека да биде излапано од сите нетрпеливи ефлови(деца) е сосот, кој се одделил на дното на тавата. И мирисот кој се шири преку прозорецот на кујната.
А тајниот зачин на Баба Мразица, кој ја прави нејзината храна неверојатно вкусна, е штипка грижа, полна со љубов, што таа секогаш ја додава во своите рецепти. Не само во декември, не само на Нова година и околу Божиќ, туку секогаш и во секое време.
Лазар Ѓорѓиевски