Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на меѓународната изложба „Преведувања“ во Хонгкошкиот научен парк во Хонг Конг, НР Кина, која свечено ќе биде отворена на 20 април 2013 година.
Делата од изложбата ќе бидат прикажани на огромен видео билборд во Хонгкошкиот научен парк со придружна изложба на слики, како и во проектот Артбус како дел од најголемиот уметнички фестивал во Хонг Конг. На изложбата покрај Попоски учествуваат уште 10 меѓународни уметници од САД, Порторико, Венецуела, Британија и Австрија.
Уметниците во оваа изложба користат различни визуелни пристапи кон преведувањето на влијанијата кои врз нив ги имаат животот и работата во различни култури. Истовремено лични и универзални, глобални и локални, нивните дела (од кои најголем дел се нови проекти создадени за оваа изложба) го истражуваат континуираниот и комплексен процес на интеркултурно преведување и посредување.
Попоски се претставува со видео делото “Атлас” за кое оригиналната музика ја изработи електронскиот музичар Херцел, како и со слики во комбинирана техника од истоимениот циклус.
———————————————————
Зоран Попоски (роден 1974, Скопје) реализирал повеќе од 50 меѓународни самостојни и групни изложби. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин итн.
Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.