АСУЦ со награда од Академијата на средноевропски училишта

Учениците од СУГС „Боро Петрушевски“ се добитници на наградата на Академијата на средноевропски училишта (АЦЕС) за иновативен прекуграничен проект на тема медиумска писменост во Сенец, Словачка.

Во годинашниов проект учествуваа над 400 училишта, од кои 107 училишта  добија донација, а меѓународното жири награди  пет  училишта  за нивните иновативни проекти.

На доделувањето на наградите АЦЕС во словачкиот град Сенец, од 9 до 12 април учествуваа 230 ученици и наставници, како и претставници на министерствата за образование од 15 земји. Меѓу нив беа и ученици и наставници од СУГС „Боро Петрушевски“, кои се меѓу петте наградени. Училишните делегации ги претставија своите резултати од  заедничките проекти и меѓу себе  ги споделија искуства и знаењата  стекнати во текот на овој проект.

Академијата на средноевропски училишта за најиновативен прекуграничен училишен проект за медиумска писменост во категоријата „Граѓанска доблест“ му ја додели наградата на училиштето „Боро Петрушевски“, односно на учениците: Кристијан Ангелески, Симон Паковски, Адељон Ајдини, Драгана Трајанова, Александра Секуловска, Јовче Манџуковски, Ангела Ристевска, Константин Пачемски, Стефан Јаковчевиќ и Лазар Здравковски,  коишто на својот проект работеа под менторство на Силвија Митревска, Соња Атанасовска, Ленче Томова, Сунчица Белинска и Халиме Демири.

Идејата на проектот е учениците да станат поодговорни корисници и иновативни креатори на медиумските производи, да станат посвесни за улогата и ефектите на медиумите во демократските општества, да развијат хумани вредности и да ги разберат подобро различностите.

АЦЕС е една од најголемите прекугранични училишни мрежи во Европа составена од 15 партнерски земји. Македонија е дел од прекуграничната мрежа на училишта од 2007 година. Конкурсите за училишните проекти се објавуваат секоја година, а до сега во програмата АЦЕС учествуваа над 30 училишта од Македонија.

You May Also Like