Одбележан „Денот на луѓето со хендикеп“ со пригодни манифестации

По повод  3-ти декември, Ден на луѓето со хендикеп, денеска (понеделник, 3 декември) министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот на оштина Кисела вода Марјан Ѓорчев го посетија Училиштето за слепи и слабовидни лица „Димитар Влахов“ во Скопје. Децата, преку музички точки, рецитали и свирење, ги презентираа својата умешност, знаење и талент.

Канческа-Милевска, по повод одбележувањето на Денот на луѓето со хендикеп, на учениците од ова училиште им подари примероци од каталогот за Музејот на македонската борба отпечатен на Брајово писмо, друга печатена литература – сликовници, боенки и книги како и ДВД и ЦД-изданија од Фестивалот на детската песна „Златно славејче“.

„Министерството за култура на Република Македонија има јасна визија дека лицата со оштетен вид имаат потреба од поголема поддршка во општеството и подобрување на квалитетот на нивниот живот преку соодветно образование и запознавање со културните вредности. Од тие причини, во рамките на НУБ „Св. Климент Охридски” е формиран библиотечен центар за слепи лица кој е опремен со најсовремена техника за печатење книги на Брајово писмо, како и студио за снимање звучни книги и читалница. Исто така, обезбеден е и непречен пристап на овие лица до културните институции во државава и до содржините кои се претставени во нив“, истакна Канческа-Милевска.

На крајот заблагодарувајќи им се на сите деца од училиштето „Димитар Влахов“ кои учествуваа во изведбата на програмата за Светскиот ден на лицата со посебни потреби, како и на вработените во институцијата, министерката за култура ја истакна подготвеноста на Министерството за култура за уште поинтензивна соработка на институциите од областа на културата за потребите на лицата со хендикеп.

По повод одбележувањето на 3-ти Декември, министерката за култура, заедно со децата од Специјалното училиште „Златан Сремац“, во Театарот за деца и младинци присуствуваше и на изведбата на театарската претстава „Алиса во земјата на чудата“.

You May Also Like