Интернационално фото биенале „Фотомедиа“ викендов во Скопје

Оваа сабота (08.12.2012 година), со почeток во 20:00 часот, во  Мултимедијалниот центар Малa  Станица – Национална Галерија на Македонија, се отвора тринаесетото издание на култното интернационално биенале на фотографската уметност – Фотомедиа.

Според рангирањето на светската фотографска асоцијација ФИАП, последните неколку изданија на каталозите на Фотомедиа, а со тоа и целокупната изложба како таква, се вбројуваат меѓу петнаесетината најдобро рангирани во светот. Тоа слободно можеме да кажеме дека ја вбројува Фотомедиа во врвните културни настани во нашиот регион.

Во време на илјадници дигитални изложби кои се организираат месечно во светот, Фотомедиа продолжува со своето споро биенално темпо, со инсистирање на принт фотографија, како став кој не трпи компромиси, а толкувањето е дека готовата фотографија, во нејзината физичка манифестација како принт, единствено може да се толкува како краен авторски израз на уметникот.

Ова година е и 50та годишница на фото клубот Елема, организатор на Фотомедиа. Во таа чест, во чест на сите кои кога и да е имале некакви релации со Фотомедиа и ФК Елема, покрај класичната поставка од овогодинешната селекција, Фотомедиа на својата редовна публика, со која расте со години ќе и понуди и проекција на избор од најдобри фотографии од претходните изданија на Фотомедиа како и проекција на патувачката изложба во чест на педестгодишнината на фото клубот, насловена како – „Елема монохроматик“.

Поставката „Елема монохроматик“ оваа година имаше чест да биде претставник од Македонија во Марибор, како европски град на културата за 2012, што е сериозен комплимент на работата на клубот, како и да го отвори фестивалот „Право Људски“ во Сараево, каде што привлече огромно влијание помеѓу босанските медиуми и широката публика.

Овогодинешната поставка, односно авторите и наградите, можете да ја видите ТУКА.

You May Also Like