Одбележани 15 години од упокојувањето на Мајка Тереза

Вчеравечер (5 септември 2012 година), во Домот на Армијата во Скопје, беа одбележани 15 години од упокојувањето на големата хуманистка и нобеловка за мир Блажената  Мајка Тереза.

Чествувањето на големата скопјанка беше одбележено со врачување статуетки, благодарници и признанија за хуманост „Мајка Тереза”, но беше прикажан и  играно-документарен филм со наслов „Наша Мајка”, работен по сценарио на Стојан Тренчевски, а во режија на Сашо Миленковски. Статуетките ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Настанот се одржа во организација на Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза” , добитниците ги објави претседателот Љупчо Ајдински, а статуетката ја добија: Оливера Наковска-Бикова, освојувач на златниот медал во стрелаштво со воздушен пиштол на  годинашниве Параолимписките игри во Лондон, амбасадорот на Република  Хрватска во Македонија, Златко Крамариќ, Црвениот крст на град Скопје, Соња Панева, двигател на македонско-турското пријателство, претседателката на СОЖМ, Сафка Тодоровска, Основното училиште за деца со посебни потреби „Златан Сремац“, дефектологот Венјамин Мемеди, Марјан Начевски, генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Тоде Габроски, хуманист што живее во Австралија, двете професорки одговорни за реализација на проектот „Мултиетничка толеранција во училиштата“, артистите и режисерот од документарниот филм за мајка Тереза и многу други.

 

——————————-

Мајка Тереза (Агнеза Гонџа Бојаџиу) е родена, од татко Никола и мајка Дрона, на 26 август во Скопје, Македонија, a наредниот ден т.е. 27 август е крстена во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусосво“ – Скопје и е дадено името Агнеза Гонџа. На 10 јуни 1970 Мајка Тереза за првпат од своето заминување во Калкута во 1928 година се враќа во своето родно Скопје, во 1978 година повторно го посетува родниот град, а пак на 27 јуни 1980 година, во својата трета посета е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, а наредниот ден и службено ја отвори Куќата на Сестрите Мисионерки на Љубовта. На 19 септември 1986 година, при четвртата и последна посета на Мајка Тереза, купена е сегашната куќа на Сестрите Мисионерки на Љубовта во Скопје.
Во 1979 година, Мајка Тереза, ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет, a на 5-ти септември во 1997 година во Калкута, Индија, почина  Мајка Тереза (вистинското име и е Агнес Гонџа Бојаџиу).

You May Also Like