Изложба „800 Револуции во минута“

Утре вечер, (среда, 11. 04. 2012) на ул. Коста Шахов бр. 6 – Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата „800 Револуции во минута“ на Ѓорѓе Јовановиќ – Никола Узуновски – ОПА – Игор Тошевски – Филип Јовановски. Напомена: изложбата ќе трае само еден ден.

800 Револуции во минута е прва од серијата изложби/ настани во организација на КООПЕРАЦИЈА. Изложбата е поместена во простор првенствено наменет за перална опфаќајќи ја темата на новите почетоци и развивање на иновативни стратегии и интервенции во специфични услови на збиен простор и временска ограниченост. Насловот е превземен од степенот на центрифуга наведен во прирачникот за машина за перење алишта.

КООПЕРАЦИЈА е иницијатива чија цел е активно делување вон инертните институционални рамки а која предлага еден поинаков начин на создавање и доживување на современата уметност на територијата на Република Македонија. КООПЕРАЦИЈА се залага за поместување и редефинирање на границите помеѓу јавниот и личниот простор и отворање на прашањето за активната улога на уметноста во контекст на централизираната културна политика и општествените дискурси. КООПЕРАЦИЈА се стреми да ја поттикне  интеракцијата во релацијата уметник – публика.

Основната стратегија на КООПЕРАЦИЈА е окупирање на привремено слободни простори распрскани по урбаниот пејсаж и јавно изложување преку стратегија на блицкриг настапи. Замислена е како поттикнување на активен конструктивен дијалог во име на преиспитување на критичките позиции преку уметноста и создавање на поволна клима за продлабочување на можностите за слободна размена на идеи, искуства и слобода на изразувањето.

*КООПЕРАЦИЈА е само-финансирана група на автори, отворени за соработка со други домашни и странски уметници.

You May Also Like