Објавен конкурсот за запишување на државните факултети

Објавен е конкурсот за запишување на државните факултети. Конкурсот за запишување во прва година – прв циклус студии на јавните високо образовни установи во земјата, во академската 2014/2015 година е во печатените медиуми и на интернет страницата на Министерството за образование и наука.

MON logo

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека на петте државни универзитети во Република Македонија, предвидени се вкупно 24.196 слободни места, од кои 13.795 за редовните студенти во државна квота, 7.531 за квотата редовни студенти со кофинансирање и 2.870 за вонредни студенти.

– Информации за критериумите и условите за запишување на студиските програми, за потребните документи, како и за роковите и местото за поднесување на документите по уписни рокови, сите заинтересирани можат да добијат на факултетот каде што сакаат да го продолжат своето образование, односно во конкурсите, кои ќе бидат објавени од страна на секој универзитет поединечно, истакна Ристовски.

Тој потврди дека останува одлуката на Владата донесена пред четири години, со која студентите кои ќе се запишат како редовни и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, редовните во квотата со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, а оние што ќе се запишат на една од дисперзираните студиски програми ќе плаќаат 100 евра годишно.

– Апелирам до сите идни студенти, сериозно да размислат пред да донесат одлука за избор на студиската програма. Покрај афинитетите и личното задоволство од работата, секогаш предвид да ги имаат и информациите за можностите за обезбедување соодветен работен ангажман и напредок во кариерата, кои се далеку поголеми кај техничките и природно – математичките струки, токму поради дефицитарноста на македонскиот пазар на труд, нагласи Ристовски.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, според него, има 10.048 слободни места, од кои 5.771 за редовните студенти во државна квота, 3.267 редовни со кофинансирање и 1.010 слободни места за вонредни студенти.

– Новина се семејните студии на Филозофскиот факултет, на кои се предвидени 50 слободни места, најави Ристовски.

На Државниот универзитет во Тетово, додаде, има вкупно 5.385 слободни места, од кои 2.820 за редовните студенти во државна квота, 2.155 за редовни со кофинансирање и 410 слободни места за вонредни студенти.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид има 440 слободни места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 со кофинансирање и 110 за вонредни студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вкупно 4.728 слободни места. За редовни студенти во државна квота има 2.839 места, 1.059 за со кофинансирање и 830 за вонредни студенти.

– Од оваа академска година со работа ќе почнат три нови правни субјекти, односно Ликовна академија на која се предвидени 30 слободни места, Музичка академија со 108 слободни места и Филмска академија на која се предвидени 35 слободни места, од кои ќе произлезе кадар за поддршка, унапредување и развој на фините уметности во нашата земја, посочи Ристовски.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 3.595 слободни места од кои 2.145 за редовните студенти во државна квота, 940 со кофинансирање и 510 слободни места за вонредни студенти.

– Од оваа година ќе почне да функционира Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, каде се предвидени 730 слободни места. Вклучувајќи ги претходно споменатите три академии во состав на штипскиот универзитет, ова е практично 29. нов факултет што во изминативе неколку години, по иницијатива на Владата на Република Македонија е основан согласно потребите од соодветен кадар на пазарот на трудот, што е потврда за нашите заложби за поврзување и усогласување на високото образование со реалните стопански потреби, подвлече ресорниот министер Ристовски.

You May Also Like