Во рамки на Деновите на македонската култура во Белград, Република Србија, директорот на Музејот на македонската борба – Скопје, д-р Бранислав Светозаревиќ, на 9 мај, оствари посета на Историскиот музеј на Србија и новата музејска поставка „Во име на народот“ со која за првпат пред српската јавност се презентираат музејски предмети од времето на комунистичкиот режим во Србија.
На средбата со директорот, Мирослав Живковиќ, договорена е начелна соработка на теми кои се предмет на интерес на двете установи. Музејската поставка на Историскиот музеј на Србија е од особена важност за македонската наука и јавност поради дешифрирањето на имињата на затворениците во логорот „Голи Оток“ каде беа затворени повеќе од 700 затвореници од Македонија.
На 10 мај во просторот на галеријата Куќата на Ѓуро Јакшиќ беше отворена изложба од збирката на копаничарски дела на македонскиот копаничар Будимир Апостолски. Изложбата под наслов „Од традиција до уметност“ опфаќа триесетина дела со кои се врши пресек на дваесетгодишната работа на овој наш познат уметник. Промотор на изложбата беше директорот на Музејот на македонската борба – Скопје, д-р Бранислав Светозаревиќ, кој се осврна на историјата на копаничарството во Македонија. Изложбата ја отвори амбасадорката на Република Македонија во Србија, Вера Јовановска – Типко и ќе биде отворена до 17 мај. Презентацијата на македонската култура во Белград, под насловот „Допирот на Македонија“, е во соработка со Друштвото на Македонците во Белград, „Македониум“.