Објавена програмата на 40-от Фестивал „Пеце Атанасовски“

Позната програмата на 40-тото издание на Фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ …

festival pece atanasoski dolneni

Советот на фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ одржа прес – конференција на која беше соопштена програмата за јубилејното 40. издание на Фестивалот. Според директорот на Фестивалот Весна Атанасовска Вучиќ програмата е богата со повеќе придружни манифестации.

-Уметничкиот совет на Фестивалот ја обликуваше програмата на јубилејното фестивалско издание. Годинашниов, јубилеен 40. по ред Меѓународен фестивал на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ ќе се одржи на 4 и 5 јули на Рудина кај Долнени. Тоа значи дека фестивалот се враќа на корените. Сепак, настани ќе има и во Прилеп и Долнени, вели Атанасовска Вучиќ.

На 4-ти јули, во петокот е ревијалниот, а во саботата од 19 часот е натпреварувачкиот дел на Рудина кај Долнени. Богата е фестивалската програма, објаснува директорката на Фестивалот.

-Се очекува годинава да учествуваат околу 250 инструменталисти и пејачи на изворни песни од цела Македонија. Најавени се и гости – гајдаџии од Унгарија. Богата е програмата за јубилеjното, 40. издание на Фестивалот. Пред официјалниот почеток, од 30 јуни па се до 5 јули ќе се одржува Семинар за изучување на изворни инструменти и песни. Семинарот ќе има 20 учесници од Грција и Македонија кои од еминентните македонски стручњаци ќе може да научат повеќе за свирењето на изворните инструменти и за изворното пеење. Семинарот ќе го раководи професор д-р Ѓоко Георгиев, а предавачи ќе бидат членовите на уметничкиот совет на Фестивалот. Демонстратори на учесниците ќе им го објаснуваат свирењето на гајда, кавал, на тапан и зурла, вели Атанасоска Вучиќ.

Како што беше информирано на прес-конференцијата, по повод јубилејот, в сабота на 5 јули ќе се одржи трибина на тема: „Форми и содржини за презентација на изворниот фолклор“. Модератори на трибината ќе бидат професор д-р Ѓоко Георгиев, проф. Ана Марија Боја од Унгарија, професор д-р Родна Величковска, професор Катерина Петровска Кузманова од Институтот за фолклор, Захаринка Милосављевиќ и проф. д-р Илчо Јованов, декан на Факултетот за музичка уметност од Штип.

Фестивалот за јубилејот ќе издаде и Монографија.

– Монографијата го опфаќа растежот на Фестивалот од почетоците како републички смотри, па се до денес како негувач на македонското богато изворно творештво. Секако, соодветно место ќе има за сите елементи што го прават значаен за македонската фолклорна традиција, заедно со улогата на основоположникот, човекот кој го носи неговото име и своевидниот амбасадор на македонското културно богатство, Пеце Атанасовски, вели Атанасовска Вуќиќ.

Според уметничкиот директор, професор д-р Родна Величковска Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ја остварува улогата за зачувување и негување на македонското богато фолклорно наследство.

– Многу значи што освен што се зачувува изборниот мелос, туку се повеќе има млади генерации заинтересирани да ги изучуваат изворните инструменти и песни. Таква традиција негуваат Фестивалот и Музичката академија во Штип, вели професор д-р Родна Величковска.

You May Also Like