„Мајски салон“ е уметничка изложба на фотографии која ќе се одржи на 29 мај (четврток) во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово во 20:00 часот.
Изложбата претставува излагање на уметнички фотографии изработени од членовите на Фото Кино клуб Козјак од Куманово.
Во поканата, организаторите велат: „Уметноста е продукт на културата, таа е вид на естетска комуникација помеѓу авторот и публиката, а нејзина главна цел е презентација на едно субјективно видување на постоењето. Пораката на уметничкото дело може да биде насликана, напишана, извајана, отсвирена а може и да биде заробена во еден единствен момент фатен со скаменетото око на фото – апаратот.
Фотографијата истовремено е уметност, наука и практика, која ја има таа моќ да раскажува приказни преку боите, мигновените изрази на лицето и телото, пејсажите, движењата и емоциите фотографирани и ставени во рамка. Иако строго визуелна по дефиниција, нејзината порака се чита со сите сетила и допира до секоја емоција.
Една ваква уметничка презентација на светот гледан низ објектив, претставува и овогодинешната клупска изложба на Фото Кино Клубот КОЗЈАК, Мајски салон 2014. Публиката ќе има можност да види педесетина фотографии, мигови од реалноста, специфичен вид на сведоштва за она што, низ уметничката перспектива на нашите членови, значи да се биде ОВДЕ и СЕГА. Оваа изложба има за цел да го презентира и надополни естетскиот сенс за уметничката фотографија, кој го гради нашиот клуб веќе половина век. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК Козјак.
За жал, фотографијата како уметничко изразување, во Македонија е помалку или повеќе, пасија на ниво на хоби, организирана во повеќе фотоклубови ширум државата. Но дури и како таква, таа побудува се поголем интерес кај младите што резултира со дела кои го збогатуваат квалитетот на македонската фотографија и се повеќе ги истакнуваат нејзините специфики. Токму како подршка на креативноста на младите и неафирмирани фотографи, но и како презентација на оние наши членови чии имиња и дела се веќе препознатливи во светот на уметничката фотографија, традиционално се организира Мајскиот салон“- велат од фото кино-клубот Козјак.