На археолошкиот локалитет и Музеј на отворено Тумба Маџари се отвори втората изложба на работни археолошки фотографии под наслов “Archaeology in progress” Vol.2, во организација на Здружението “Археологика”.
Целта на оваа изложба е да се промовира археологијата и да се претстават најдобрите фотографии изработени изминатите неколку години на археолошките локалитети низ Република Македонија и Европа.
Ова е второ издание на оваа изложбата која започна во 2012 година и за која здружението Археологика цели да стане традиционална.
Здружението Археологика за организирањето на оваа изложба објави конкурс на кој пристигнаа 100-тина фотографии, од кои 30 најдобри беа претставени на изложбата. Најдобрите фотографии беа одбрани со помош на стручното жири – Кристијан Тодоров (професионален фотограф) и Станко Неделковски (фотограф од Музеј на град Скопје), како и со гласање на Facebook страницата на Археологика. За трите најдобри фотографии беа доделени симболични награди. За најдобра фотографија беше одбрана фотографијата “7000 year old selfie”, Тумба Маџари 2013, на Перо Синадиновски, второто место го доби фотографијата “Мамут”, подводни археолошки истражувања, Врбник 2014, на Никола Паскали и трето место освои фотографијата “Escherichia Coli Effect”, Маркови Кули, Скопје 2014, на Христијан Талевски.
Оваа изложба е финансирана од Националната програма за култура за 2014 година на Министерството за култура, а е поддржана од Археолошкиот Музеј на Македонија.
За отворена изложбата ја прогласија Радомир Ивановиќ – Здужение Археологика и Елена Стојанова Канзурова – Археолошки Музеј на Македонија, која воедно е и проект менаџер на Музејот на отворено Тумба Маџари и овозможи оваа изложба да биде претставена во еден уникатен археолошки амбиент.
Изложбата ќе биде отворена за посетители на Археолошкиот локалитет и Музеј на отворено Тумба Маџари до крајот на месец септември.