Александар Прокопиев со порака за Светскиот ден на книгата и авторското право

Македонска порака од д-р Александар Прокопиев по повод Светскиот ден на книгата и авторското право – УНЕСКО 2012, 23 април.

СЛОВО ЗА ЧИТАЊЕТО

Ќе почнам од оние за кои велат дека се меѓу најголемите противници на книгата денес: недостатокот на времето и Интернетот. Велат, денес читателот задоцнува во препознавањето на вредни дела и често конзумира “полесна” литература, зашто се соочува со прилично исцрпувачко секојдневие за да може да биде предизвикан да “влезе” во читањето. Несигурноста во работата, растот на цените, постојаниот товар на месечните сметки, самоволијата на политиката… се само неколку од огромниот список обврски и стресови што с¢ повеќе го одалечуваат денешниот човек од самиот себе. И од читањето. Зашто, тоа го знаеме, читањето е индивидуална работа. За што е неопходно време. А денешниот човек од понеделник до петок чека да дојде викендот да прездивне со ТВ пренос на утакмицата на неговиот омилен фудбалски клуб или со синхронизираните јунаци на бескрајната ТВ новела. А во сабота го чекаат и редици за плаќање сметки. А во недела – го повикуваат да гласа! И како тогаш да најде време за читање сериозна книга?! Но освен недостатокот на време, постои уште еден многу силен противник што го компромитира читањето. Велат, визуелната агресија доживува свој климакс со Интернетот. Со тоа што климаксот незапирливо расте!

Неоспорно е дека порано визуелното ја поттикнуваше литературата. Делакроа и Бодлер, Мане и Маларме, модернизмот и филмската монтажа, постмодернизмот и поп артот. Но денес е очигледно дека електронската видеократија го скусува времето за читање. Мејлот, скајпот, фејсбукот, постои ли поопседнувачки начин да се избегне читањето? Иако соочен со горенаведениот недостаток на слободно време, денешниот човек и во своето службеничко работно време, кога е во можност, неуморно пребарува по Интернет. Но нема време да го загрижат предупредувањата дека интернет зависноста може да доведе до своевидна културна уравниловка и ризик од контаминација со површно (не)знаење. А и тешко може да оддолее на постојано свежите понуди на електронската интелигенција. Виртуелниот простор не е корзо, ниту кафуле, ниту парк, но во него се запознава, комуницира, “шета” поинтензивно отколку кога сме вон компјутерот.

Кои се противаргументите со кои би можел да се спротивставам на двата моќни противници на читањето?

Најпрвин би ја довел во прашање нивната неприкосновеност.

1. Користењето на слободното време е наше решение. Ако под “одмор” се подразбира минимален ментален (и физички) влог, тогаш во слободното време ќе ждереме, ќе дремеме и ќе гледаме ТВ преноси. Иако читањето навечер, “во хоризонтала”, со грицки, освежителен пијалок и добра музика во позадина, може да биде многу освежувачко. Или читањето додека патуваме или сме во природа. Читањето, значи, може да биде одмор во вистинска смисла на зборот, одмор полезен и подмладувачки за духовните патувања и авантури. И за негување на нашата индивидуалност.

2. Што се однесува до Интернет, несомнено е дека тој, на свој начин, помага на литературата. Книжното богатство се дигитализира, библиотеките, издавачите, списанијата се вмрежуваат, пренесувајќи ја книгата од правливите депоа во безбедната цѕбер сфера. Електронското издаваштво станува нова, моќна етапа во развојот на книгата. Иако, морам да признаам, лично не можам да читам книга на апарат што зуи и зрачи. Судирот меѓу печатеното и електронското на територијата на книгата може да се толкува и како спротивставеност меѓу нејзината телесност и безтелесност: се уште сум приврзаник на печатената книга отворена на ноќното масиче до страницата до која сум стигнал, што преспива со мене, има свое место на шкафот во мојата библиотека, живее и старе со мене…

Како што реков на почетокот, секое читање не е еднакво. Како што е различно и секое создавање на книга. Највозвишените намери можат да дадат скромен резултат. И обратно. Најдобар пример е авторот на неприкосновеното романескно ремек-дело, чиј ден на смртта се поклопува со денешниот датум. “Дон Кихот” е напишан како пародија, своевидна травестија на во тоа време многу читаните пикарски романи. Уште еднаш да заклучам: читањето, како и пишувањето, ја носи својата индивидуалност – книгата нуди можност тие две индивидуалности да се препознаат. Кога читателот ја отвара книгата, книгата може да отвори порта за некој нов свет во него. Тогаш, очигледно е дека читањето е прилика подобро да се запознаеме, да почувствуваме колку нашето постоење може да биде силно и таинствено. Читањето не открива колку тајни во светот, но и во себе можеме да разоткриеме.

You May Also Like