Со голем концерт на дувачкиот оркестар при Универзитетот„Гоце Делчев“ во Штип, под диригентската палка на Ванчо Самоников, во вторник (2 октомври) ќе стартува 21-то издание на Фестивалот на класична музика „Интерфест Битола“.
Новоформираниот дувачки оркестар од Штип во Центарот за култура во Битола ќе настапи заедно со сопранот Весна Гиновска-Илкова, со Кирил Рибарски на тромбон и со Зоран Казаков на труба. Годинава фестивалот е фокусиран на македонските репродуктивни уметници.
Во единаесетте фестивалски дена, во Битола ќе настапат уметници од повеќе земји во светот, од Германија, Италија, Бугарија, Шпанија. Ќе биде одиграна познатата престава на Битолскиот народен театар „Хенри Шести“, а ќе биде отворена и ликовна изложба на битолскиот академски сликар, Драган Анѓелковиќ. Планирано е одржување на поетска вечер и рецитали.
Ќе настапи триото „Интерарт“, а на затворањето на фестивалот и камерниот оркестар при Факултетот за музичка од Скопје, со диригентот Велко Тодевски и гостинот од Франција, солистот на виолина Франсис Дирој.
Напоредно со фестивалот по седми пак се организира и Интернационален пијано натпревар за пијанисти и за млади. Пијанистите ќе имаа можност да го испробаат пијаното „Безендорфер гранд концерт 280“ што беше дадено како донација од бизнисменот Труфун Костовски за овој фестивал. Паралелно со концертите ќе се одвива и пијано натреварот на кој се доделува само една награда од 1000 евра, а победникот ќе може да настапи на следното издание на „Интерфест“.