Нова атрактивна поставка во Музејот на македонската борба

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и други министри и претставници од Владата на Република Македонија …

02_nova_postavka

Музејот на македонската борба за државност и самостојност доби нова програмска содржина, атрактивна музејска поставка. Има специфично светло, специјално компонирана музика-звуци, а ангажирани се и актери, кои облечени во соодветни костими прикажуваат сегменти од нашата историја.

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и други министри и претставници од Владата.

Новата поставка на Музејот, според Груевски, го прикажува ужасот низ кој поминале нашите предци, пред, во време и по илинденскиот период, на Балканските и двете светски војни, на разните поробувачи и репресатори на Македонија.

– Ваквиот приказ ја надополнува сликата за нашата историја, следејќи ги новите трендови за прикажување на историјата, кои се практикуваат во светот. Од една страна се приближуваат до посетителите некои од многуте драматични моменти низ кои поминувал македонскиот народ, а од друга страна низ атрактивниот приказ го привлекува вниманието на туристите, рече Груевски.

010_nova_postavka

Тој очекува дека новата поставка и новите фигури ќе ја зголемат заинтересираноста за овој Музеј кој со својата концепција е единствен од ваков вид во регионот. На тој начин, како што истакна, Музејот ќе продолжи да биде врвен едукатор и одличен презентер на македонската историја за сите туристи кои го посетуваат Скопје и Република Македонија.

– Да не си ја познаваш историјата и да го игнорираш минатото, е исто како да се откажеш од своето потекло, од својот корен. Република Македонија е релативно млада држава во чија понова историја ретко кога и каде се наоѓало интерес и волја за адекватна презентација на историските слоеви на државата. Денес повеќе не е така. Во изминатите неколку години преку изградба на нови музеи и културни установи изнајдовме можност и сили да пополниме повеќе празнини кои биле оставени во ова поле во изминатот период, потенцира Груевски.

Новата поставка, според Канческа-Милевска, може да се спореди со поставките на музејот Мадам Тисо во Лондон, во Амстрдам, Музејот на теророт во Будимпешта, Канадскиот воен музеј и Музејот на татковинската војна во Киев.

– Поставката се протега на 300 метри квадратни. Преку нејзиниот провокативен, но и длабоко осмислен пристап посетителот може да проникне во најмачните сегменти, најгорливите премрежја низ кои поминувал македонскиот народ на патот кон создавањето на својата национална држава на Балканот, рече Канческа-Милевска.

Министерката за култура додаде дека се прикажува делот од македонската историја кој се занимава со актите на репресија, на кои бил подложен нашиот народ, во својата многувековна борба за самобитност.

– Пред нас е една нова потресна аудио-визуелна нарација на болката, на манифестацијата на најбруталните форми, која не успеа да го скрши македонскиот дух, туку создаде вистинит мит за пожртвуваната храброст на еден народ кој ги победи најтешките искушенија, истакна Канческа-Милевска.

Во подготовката на оваа поставка биле вклучени тим историчари, професорите Виолета Ачковска, Зоран Тодоровски и Никола Жежов. Визуелен креатор на поставката е Валентин Светозарев и неговите соработници.

You May Also Like