Вечерва со почеток во 19:30 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе бидат соопштени и доделени наградите на јубилејното десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.
Во чест на наградените, премиерно ќе биде прикажан филмот ЧОВЕК-СЕНКА во режија на Борис Геретс, лауреат на наградата Астер за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм. ЧОВЕК-СЕНКА е документарец за група пријатели, од кои секој се соочува со сериозни физички и психолошки предизвици, преживувајќи на мрачните улици во Фритаун, Сиера Леоне.
Филмот навлегува длабоко во нивниот живот, раскажувајќи приказна за хуманост и достоинство во свет кој нуди многу малку утеха. Инаку, ЧОВЕК-СЕНКА е холандско-француски филм што трае 87 минути.