Вчера (среда, 10 октомври, 2012 година) во Пливачката арена „Борис Трајковски“ – Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорката на Бирото за развој на образованието на Република Македонија, Весна Хорватовиќ, го промовираа новиот проект за воведување спортска активност-пливање за учениците од прва година во средните училишта на Град Скопје за учебната 2012/2013 година.
-Би сакал да ја изразам благодарноста до Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука на РМ, како и до Бирото за развој на образованието на Република Македонија, што овозможија да се реализира овој проект, којшто мислам дека ќе придонесе за развој на пливањето како спорт кај нас, но пред се, ќе помогне да се зголеми бројот на пливачи кај учениците, зашто овде сите ученици од 21 средно училиште на Град Скопје, ќе имаат можност да ги научат основните техники на пливањето. Сметам дека ова е навистина добар начин да се реализира дел од наставната програма по спорт и спортски активности во средното образование, истакна градоначалникот Трајановски.
Во рамки на реализацијата на проектот за настава по пливање за учениците од прва година во средните училишта на Град Скопје, вклучени се пет професионални пливачки инструктори, тројца лиценцирани спасувачи од Црвениот крст на град Скопје, како и 10-тина студенти од Факултетот за физичка култура, коишто ќе работат волонтерски со учениците. За средношколците во Базенот на Спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“, одвоени се термини од по 3 часа дневно или вкупно 15 неделно.
Директорката на Бирото за развој, Хорватовиќ потенцираше дека со реализацијата на овој проект меѓу учениците ќе има се помалку непливачи, а и ќе се намали негативната енергија што ја акумулирале, со што преку ваква спортска активност на средношколците ќе се влијае и на намалувањето на насилството во училиштата.
-Ова е пример како треба да се реализираат часовите по физичко воспитување, со што ќе се влијае во голема мера на зголемувањето на психо-физичката подготвеност кај учениците, а средношколците ќе имаат и една поинаква можност за совладување на техниката и теоријата по предметот пливање, рече Хорватовиќ.
Проектот за реализарање на настава по пливање за учениците од прва година во средните училишта на Град Скопје, го финансира Владата на Република Македонија, преку Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а логистичката поддршка за организација на часовите ја дава Град Скопје.