Еко-конкурс на Град Скопје

Во рамките на традиционалната манифестација „Денови на пролетта – Денови на екологијата“ Градот Скопје го распиша јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда и стопански објект и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта. Целта на конкурсот е да се промовира и да се популаризира грижата за животната средина и за природата.

Според условите на јавниот повик, Градот Скопје ќе избира:

1. Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес во зачувувањето на животната средина);
2. Најголем придонес во областа на заштитата на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областа на животната средина, намалување на користењето на необновливи видови енергија и сл.);
3. Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект);
4. Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта);
5. Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и од средните училишта).

Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица се доставуваат по пошта на адреса: Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден број 82, или во архивата на Градот, како и на телефонските броеви 3297-273 и 3297-302.

За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари.
За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.
За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.

Разгледувањето на пристигнатите пријави и одбирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Градот Скопје ја формира од претставници на вработените во секторите на Градот Скопје и од невладините организации.

Пријавувањето на овој конкурс започнува веднаш и трае до 15 мај 2013 година. Прогласувањето на победниците во сите пет категории ќе се одржи на 05 Јуни.

You May Also Like