Со голем интерес во Брисел, Белгија, во импресивниот простор на Кралскиот музеј „Мариемонт“, во кој редовно се изложува оригинално книжевно наследство, беше отворена изложбата „Словенските ракописи од Македонија, од 13 до 19 век“.
Оваа изложба, која ќе биде изложена од 9 до 21 октомври, предизвика голем интерес во јавноста уште пред нејзиното отворање, а многубројните гости, еминентни познавачи и љубители на книжевното културно наследство кои присуствуваа на отворањето имаа прекрасна можност преку ракописите да се запознаат со илјадагодишната писмена традиција во Македонија.
На отворањето пред присутните се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорот на Валонија Брисел интернационал Шарл Етиен Лагас и директорот на Кралскиот музеј „Мариемонт“ Мари Сесил Брувиер.
– Вечерва пред вас ја потврдуваме историската и суштинската стварност на нашите исклучително вредни ракописи кои го посочуваат 1000-годишниот континуитет и јазичен развој во Македонија. Од срцето на Европската Унија, од крвотокот на европската цивилизација, преку изложбата на Словенските ракописи од Македонија, велиме дека Република Македонија ѝ припаѓа на Европа.
Присуството на Република Македонија во Европа е писмо од сегашноста испратено до иднината, не до минатото – подвлече на отворањето Канческа-Милевска.
Организаторите на изложбата, пак, истакнаа дека ракописите се многу значајни репрезенти на пишаното културно наследство и дека им претставува особена чест и задоволство што за првпат ова богатство е претставено надвор од Македонија и тоа токму во Кралскиот музеј „Мариемонт“. Според нив, изложбата нуди уникатна можност за запознавање со ракописите кои претставуваат живи споменици на историјата на Балканот и е само уште една потврда дека Македонија со културното богатство и со мултикултурализмот ѝ припаѓа на Европа.