Во рамките на манифестациите „Топол културен бран” и „Културно лето“ кои со поддршка на Министерството за култура веќе неколку години се одржуваат во повеќе општини низ земјава, во наредните неколку дена ќе бидат реализирани повеќе културни настани.
На 28.8.2014 во општина Ресен со почеток во 21.30 часот на градскиот плоштад, свој солистички концерт ќе одржи етно составот „Љубојна“ кои ќе се претстават со нумери од богатиот репертоар на етно преработки на познати изворни македонски песни.
Од 28 до 30.8.2014 во општина Берово ќе се одржи „Етно плоштад фестивал“ во чии рамкии ќе настапат не само врвни уметници од Македонија, туку и од соседните држави. Овој фестивал има за цел да ги промовира високите културни вредности од нашето богато културно наследство преку исклучително шаренолика програма за сите вљубеници во етно музиката.
На првиот ден од фестивалот, со почеток во 19 часот на сцената наменета за традиционалниот фолклор ќе се претстават културно-уметнички друштва од Македонија, Србија и Бугарија, во 21 часот на етно-фјужн сцената ќе настапат препознатливиот трубачки оркестар од Македонија – „Уска Кан“ и познатата етно-група „Монистра“, а во 23 часот предвиден е концерт на популарниот поп и рап изведувач Тони Зен и Дирти Сајд.