Наградени најдобрите спортисти на Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска (петок, 21 декември) во рамки на традиционалната Манифестација за прогласување на најуспешните спортисти, тренер и екипа за 2012 година, што секоја година се одржува во организација на Град Скопје во соработка со Сојузот на спортови на Скопје, им ги додели наградите на најдобрите тројца спортисти на Скопје за 2012 година.

 

Град Скопје во изминатата година со буџет од околу 40 милиони денари реализираше многубројни спортски манифестации и спортски активности,  што беа дел од програмата за спорт за 2012 година изгласана од Советот на Град Скопје. Во оваа пригода би ги истакнал: Манифестација „Икас 21012“, „Златен Гонг“ , Скопскиот атлетскиот маратон, Меѓународната спелеонуркачка експедиција на пештерата Врело на Матка, Ултрамаратонот Нова Градишка – Белград – Скопје – Крушево во чест на Тоше Проески, Ноќните атлетски и велосипедски трки низ улиците на Скопје, еден од најдобрите турнири во одбојка на песок на Балканот на кој што учествуваа многу реномирани одбојкарски парови од земјава и странство, по повод 13 Ноември се организираат преку 20 спортски манифестации во чест на ослободувањето на Скопје, но финансираме  и преку 90 помали проекти од областа на спортот во повеќе спортови како кошарка, ракомет, фудбал, карате, џудо, борење, бадминтон, шах, мечување, бокс, триатлон,нуркање, куглање, пеливанско борење, алпинизам, одбојка, одбојка на песок, автомобилизам, футсал, традиционално карате, кајак на диви води, атлетика, велосипедизам, стрелаштво, реално аикидо, пливање и други. Градот Скопје финансиски ги поддржува и спортските активности на лицата со посебни потреби, во областа на рекреативниот спорт се финансираа многу рекреативни турнири во мал фудбал, планинарски тури, рекретивни активности со ролери, велосипеди и сл. Со еден збор активности за подобрување на здравствениот статус на широка целна група. Најголемо внимание Градот Скопје обрнува на училишниот спорт со посебен акцент на средноучилишниот спорт, имено во оваа  година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје  учество земаа 180 екипи,  се одиграа околу 900 натпревари, во кој учество земаа околу 5000 ученици од 28 училишта. Покрај овие горенаведени заложувања за подобрување на спортот, доста внимание се посветува и на спортската инфраструктрура, за подобрување на условите за спортска рекреација. Во 2013 година ќе се зголеми и буџетот за спорт, имено, веќе е во тек и јавниот повик за распоредување на буџетски средства од областа на спортот за 2013 година, каде што сите спортски клубови ,спортски здруженија и федерации ќе можат да аплицираат со соодветен проект како би можеле да искористат дел од тие средства. Во областа на инфраструктурата, во 2013-та година ќе се изгради и: Современ урбан Скејт парк, потреба на многу Скопјани вљубеници во екстремните спортови, ќе бидат изградени и ќе се реконструираат нови трим патеки, ќе продолжи реновирањето на училишните спортски сали, а ќе продолжиме да ги поддржуваме Традиционалните манифестации, манифестациите од особен интерес за Град Скопје, ќе ги помагаме спортските активности за лицата со посебни потреби, масовниот, врвниот, младинскиот и училишниот спорт, истакна градоначалникот Трајановски.

За најдобри млади спортисти на Скопје за 2012 година беа прогласени Мери Јанева од кугларскиот клуб Работнички, за освоено 3-то место на Светско првество до 23 години во Германија и шампион на Македонија; Симона Заборска од карате клубот Макпетрол, за освоено 3-то место на Европско првество, во Азербејџан и шампион на Македонија; Дарко Велковски, од фудбалскиот клуб Работнички, кој што игра за првата екипа на клубот, член на Репрезентацијата до 19 години и учесник во Лига на шампиони на Европа; Сами Реџепи, боречки клуб Лирија, шампион на Македонија, 9 то место на Европското првенство и освоени 5 медаљи од меѓународни турнири; Војдан Чадо – Тодоровски од мечувалскиот клуб Вардар, за освоено 1-во место во Словенија на меѓународен турнир и 3-то место меѓу сениори, настап на 5 меѓународни турнири со добри, резултати, шампион на Македонија во сениори; Адем Адем, од боречки клуб Тефејуз, државен првак и за освоено 15 место на Европското Првенство, 1-во место на меѓународен турнир во Франција, 3-то место на меѓународен турнир во Турција, како и освоено 2-ро во Косово и  Олимписки  кандидат.

За спортист-ветеран беше прогласени: Александар Анастасов (Мечување МК Вардар), државен првак во официјална категорија,  1-во место Европско првенство во меч, 1-во место на турнир Италија, 1-во место на турнир во Финска, 1-во место на  Опен Бугарија, 1-во место на турнир во Франција.

За најуспешен  тренер, постхумно му беше доделено признанието на Александар Атанасовски – Мац, тренер по куглање, а наградата ја прими неговиот внук Александар Кецковски.

Ракометниот клуб Металург – мажи, ја доби наградата за најуспешната екипа за 2012 година, за пласманот во финалето на СЕХА лига и Топ 16-те во Евро Лигата.

За најуспешен  параолимпиец, заслужено беше прогласена, Оливера Наковска -Бикова (Стрелаштво ЖСД Работнички), за освоен златен медал со пиштол на Параолимписките игри во Лондон оваа година и соборен светски рекорд со 381 круг (на Олимпијадата, Лоднон 2012), Шампион на Македонија во официјална конкуренција.

Најуспешни спортисти – Сениори за 2012 година на Скопје се: Наумче Мојсовски, ракометар на РК Металуруг, за пласманот во 1/2 финалето во СЕХА-Лигата, Шампион на Македонија 2011/2012, репрезентативец, како и освоено 5-то место на Европско првенство во 2011; Ненад Манојловски (Кик бокс КБК), Шампион и освоено 2-ро место на Европско првенство во Букурешт 2012 година; Тодор Гечевски кошаркар во КК МЗТ-Скопје, најдобар играч на клубот и репрезентацијата и освојувач на Куп на Македонија, како и освоено 4-то место на Европско првенство 2011 г, висок пласман во Јадранската лига; Евгениј Попацев, маратонско пливање од Пливачки Клуб Студент, Шампион на Македонија, освоено 4-то место на маратон во Канада, 5-то место на Охридски маратон, 1-во место на маратон во Ровињ, 1-во место на Отворено првенство на Србија на 10 км, 8-мо место на Светски куп во Канада; Дејан Недев (Традиционално карате КК Работнички),Шампион на Македонија и освоено 3-то место на Куп на 8 најдобри во Европа, во Полска 2012., Наташа Илиевска (Карате КК Макпетрол), Шампион на Македонија, 3-то место на Медитеранско првенство, 3-то место на Прв турнир од Премиер Светска лига, 3-то место на Златна Европска лига; Антонио Ристевски (Скијање СК Работнички), Шампион на Македонија во слалом и велеслалом, Олимписки кандидат за ЗОИ Сочи 2014, освоено 1-во место ФИС Мокра Гора Србија, 2-ро место ФИС Стара Планина Србија, 3-то место Шарпланинаски куп 2012, 3-то место ФИС Санта Катерина Валфурва Италија; Мирјета Бајрамоска (Ракомет ЖРК Металург), Шампион на Македонија и член на македонската ракометна репрезентација и учество на Европско првенство – Србија; Остоја Стјепановиќ (Фудбал ФК Вардар), шампион на Македонија 2011/2012, член на сениорската репрезентацијата на Македонија и еден од најдобрите играчи во првата македонска фудбалска лига и Весна Кираџиева (Атлетика АК Безбедност), рекордер во Полумаратон (1:31,06) резултат остварен во Прага, 2012, и освоено 26-то место од 500 учеснички, Шампион на Македонија во полумаратон и маратон, освоено 5-то место на Скопски маратон, 18-то место на Љубљански маратон и освоено 12-то место на Загребски маратон.

Прогласените најдобри спортисти, тренер и екипа, освен плакетите “Спортист на година”, од Град Скопје добиваат и парични награди. Дел од наградите доделија и претседател на Сојузот на Спортови на Скопје, проф. Ѓорги Кузмановски и секретарот на Град Скопје, Гордана Клинчарова, а најуспешните беа прогласени според правилникот за доделување на награди и признанија и критериумите за избор на најуспешните спортисти, тренери и екипи на Скопје за тековната година, а одлуката беше донесена на Управниот одбор, врз основа на предлогот на Комисијата за награди и признанија и во соработка со Комисијата за спорт при Советот на Град Скопје.

You May Also Like