Наградата „Денес 2014“ за делото „Леб и игри“ на Иван Ивановски

Приказна за нашето секојдневие во политички контекст е прикажана преку делото „Леб и игри“ на уметникот Иван Ивановски, за кое тој ја доби наградата „Денес 2014“ – годишна награда за млад ликовен уметник.

leb_i_igri_ivan_ivanovski

Делото е комбинирана техника – цртеж, дигитално боење, принт на платно и рачно боење, и како што објаснува Ивановски, настанала по една негова соработка со бендот „Бернајс пропаганда“. Тој објаснува дека го именувал ова дело според песна на бендот, а почнал да го работи додека правел видеа за настап на „Бернајс пропаганда“ на фестивалот „Таксират“.

– Се работи за нашиот град, но и за било кој друг град. Станува збор за еден општ принцип на познатата фраза „Леб и игри“ и на тоа како се поставени работите. Го разработува и она, дека ние всушност „го продаваме времето за пари“, но и сликата за нашето општество и поставеноста на човекот во него – вели Ивановски.
Тој најавува и следна соработка со групата, како и својот нов анимиран филм „Х/О“, кој има општествено ангажирана тематика.

Жирито што одлучи за наградата го сочинуваат Елена Велјановска, Мира Гакина, Филип Јовановски и Луми Тан.

Во конкуренција за наградата „Денес“ беа и дела на уметничката група „Ефемерки“ (Драгана Заревска и Јасна Димитровска), Дарко Алексовски и Горан Менков, кои беа изложени на групна изложба заедно со награденото „Леб и игри“ на Ивановски. Наградата е дел од меѓународната мрежа YVAA (Young Visual Artists Annual Award), во чии рамки се доделуваат награди за млади уметници во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Косово, Словенија, Србија и Словачка. Наградата подразбира стипендија која ги покрива трошоците за пат и шестнеделен престој во Меѓународната куќа, асоцирана со Универзитетот во Колумбија, Њујорк Наградата ја доделува Центарот за современи уметности, во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк и е насловена според македонската ликовна група „Денес“ од 1960-тите години.

извор: Licevlice.mk

You May Also Like