Актери и музичари го продаваа активистичкото списание „Лице в лице“

Насмеани и задоволни, како еден успешен тим, продавачите на „Лице в лице“ и познатите актери Сашко Коцев, Гораст Цветковски, членовите на бендот „Старовски“ –Верица Андреевска – Спасовиќ и Дејан Спасовиќ, пејачот и актер Влатко Илиевски, пејачот Александар Белов, вчера (вторник, 27 ноември) на скопскиот плоштад Македонија ги пресретнуваа минувачите и им го нудеа вториот број на активистичкото списание.

Минувачите ги препознаваа популарните лица, па продажбата се одвиваше полесно од вообичаено. Продавачите Ерџан, двајцата Армандовци и малиот Раџо (кој вети дека за неколку години ќе им се придружи на своите пријатели) се задоволни од дружбата со актерите и музичарите, од поддршката која тие им ја дадоа и им помогнаа полесно да го промовираат вториот број на магазинот.

Вториот број на „Лице в лице“, освен приказната за Ерџан, носи и текстови за уличните уметници кои секојдневно ги сретнуваме по плоштадите и на други места, за идеите, делата и размислувањата на ликовниот уметник Атанас Ботев, за обновливите извори на енергија, блог на амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија, Мариет Шурман, сторија за првиот дигитален уличен весник, повеќе текстови за образование, посвета од актерот Владо Јовановски за ненадејно починатиот режисер Владо Цветановски и многу други содржини.

„Лице в лице“  е дел од истоимената регионална платформа за активизам која се спроведува во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и во Косово. Списанието претставува пиoнерски чекор за социјално претприемништво кај нас. Го продаваат маргинализирани луѓе кои добиваат половина од продажната цена, додека останатата половина го гради системот кој им помага побрзо да се вклучат во сите сфери во општеството.

You May Also Like