Избор песни од Јулијана Величковска преведени на италијански јазик

Во октомврискиот број на списанието„Нои донне“ објавен е избор од поезијата на македонската поетеса Јулијана Величковска. Заедно со песните објавен е и воведен текст, осврт на поезијата на Величковска. Препевот и освртот се на поетот Лука Бенаси.

Бенаси во својот осврт кон Поезијата на Величковска вели:  „Таа е смела поетеса, но сепак деликатна. Отвoрајќи ги клапите на чувствата и болката, оваа млада авторка нуди нови поетски начини каде што симболите, елементите на сонот, надреалното и необичното испреплетуваат комплексен заговор и метафоричност, а во исто време се нежни како чипка. Во овие стихови животните, предметите, ликовите на Дизни и други анимирани ликови се мешаат во една игра како криенка, се појавуваат и се губат изненадувајќи го читателот. Се појавува една поезија која на оригиналниот јазик ги комбинира звуците на традицијата, ономатопејата, секојдневниот говор и сленгот, често вклучувајќи и зборови на англиски јазик. Тоа е мешавина на јазичното изразување на современиот сензибилитет, способна да ги надмине националните граници и генерации, да ѝ даде глас на убавината и восхит на реалноста што сака да расте во надеж и позитивни вредности, истурајќи се во секојдневната виртуелна мрежа и медиумите, зборувајќи за цврстите и течни меѓучовечки односи, кои таму се засноваат и зајакнуваат.“

Лука Бенаси е поет, есеист и преведувач. Автор е на четири поетски книги. Тој ја уредува страницата посветена на женската поезија во месечното списание „Нои донне“ каде пишува за најпознатите женски фигури на современата поезија.

„Нои Донне“ e италијанско месечно списание основано во 1944г. Ова списание било орган на Унијата на жените од Италија до 1990г. Во текот на својата историја, ова списание било уредувано по главните елементи на италијанскиот феминизам. За „Нои донне“ пишувале Умберто Еко, Џани Родари и други.

You May Also Like