Поради протестите кои што се закажани на 11 јули (петок), настанот „Ден на Археологија 2014“ се одложува за 12 јули (сабота). Времето и местото на одржување остануваат непроменети – Музеј на Македонија (кино сала) од 12:00 до 16:45 часот.
По повод одбележување на светскиот ден на археологијата (Day of Archaeology 2014), здружението Археологика ќе огранизира целодневен настан во НУ Музеј на Македонија.
Настанот ќе се одржи во кино салата на музејот каде што ќе има серија предавања од различни теми од археологијата, презентација на документарен филм, размена на идеи и искуства како и малку музика и забава на платото пред музејот.
Денот на Археологијата е годишен настан кој последниве 4 години се празнува низ целиот свет. Проектот треба да обезбеди прозорец во секојдневниот живот на археолозите. Целта е што повеќе археолози кои работат, студираат или волонтираат било каде во светот да учествуваат во одбележувањето на “Денот на Археологијата” и со скромен придонес снимајќи го нивниот ден или преку споделување текстови, слики или видеа, да го покажат широкиот спектар на работа што луѓето од нашата професија го прават ден за ден низ целиот свет.