Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска (11 јуни 2014 година) ги додели наградите на најдобрите во традиционалниот градски конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта во Скопје.
– Градот Скопје традиционално ја организира манифестацијата „Денови на пролетта – денови на екологијата“, во чии рамки го објавуваме и конкурсот за најголем придонес во областа на заштитата на животната средина. Со објавувањето на овој конкурс Градот Скопје сака да ги поттикне граѓаните да учествуваат во разубавување на градот и преку свои активности да дадат свој придонес за почиста и поубава животна средина. Ја поттикнуваме бизнис заедницата да обрне поголемо внимание на одржливиот развој, на воведувањето нови технологии и на почитување на еколошките стандарди. Наградата за најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците е особено значајна за Градот Скопје од причина што учениците се идните лидери во областа на унапредувањето на животната средина во која тие ќе живеат. Задоволство ми е што во конкурсот учествуаа многу голем број граѓани и компании и се надевам дека наредната година интересот ќе биде уште поголем – рече градоначалникот Трајановски.
На традиционалниот градски конкурс на Град Скопје за оваа година наградени се:
I. Категорија: Најеколошка компанија
„Раде Кончар“ – Скопје за проектот „ЕКО ЗРАК НА БАЛКАНОТ“. Компанијата Раде Кончар – Сервис го реализираше проектот „ЕКО ЗРАК НА БАЛКАНОТ“, кој претставува проект за заштита на животната средина, преку редукција и елиминација на штетни состојки во трансформаторското масло.
II. Категорија: Најголем придонес за заштита на животната средина и природата
Ѓорги Селков, за организирање на манифестација „Часот на планетата Земја“.
III. Категорија: Најубаво уреден двор
1. Двор во индивидуално домување
Борис и Наташа Михајлоски за двор во општина Карпош
2. Двор во колективно домување
Објект на улица Кленоец
3.Најубаво уреден двор на институција
Средно училиште на Град Скопје „ Здравко Цветковски“ -Скопје
IV. Категорија: Најубав состав на тема екологија
За основно образование, наградата ја делат ученичките:
1.Вања Милческа VII4 одделение ОУ „Крсте Мисирков“
2.Георгина Срефановска VIа ОУ „Блаже Коневски“
За средно образование
1.Стојан Стојчевски ПСУ „Алгоритам Центар“
V. Категорија: Најубав цртеж на тема екологија
За основно образование наградата ја делат ученичките
1.Теа Божиновска IIIa одделение ОУ „Владо Тасевски“
2.Матеа Шутарова VII одделение ОУ„Лазо Трповски“
За средно образование
1.Ања Петковска, Средно училиште на Град Скопје „Кочо Рацин“