На 29-ти јуни со почеток во 21:00 часот, под балконот на куќата на семејството Каринте, на Широк сокак, музичарите ДУО БИТХИОЛА и актерката Николина Василевска во улога на Елени Каринте ќе го изведат Музичко-театарски перформанс „Под балконот на Елени“.
Станува збор за љубовна приказна помеѓу таткото на современа Турција Мустафа Кемал – Ататурк и Елени Каринте.
Перформансот се темели врз основа на последното писмо коешто Елени Каринте му го испратила на нејзиниот сакан Мустафа Кемал – Ататурк. Елени Каринте девојка која потекнува од познато битолско семејство, ќерка е на богатиот трговец Ефтим Каринте. Мустафа Кемал е момче кое потекнува од Жупа – Дебар (по таткова семејна линија) и од Селаник (Солун) по мајчина семејна линија, а учи воена школа во Битола.
Токму таму, започнувајќи со еден невин поглед од балконот на семејството Каринте, започнува големата љубовна приказна. Станува збор за забранета љубов меѓу двајца врсници која никогаш не завршила со брак. Мустафа Кемал подоцна станал прв претседател на Турција, познат е по своите државни реформи и е еден од најпознатите светски политичари. Затоа се нарекува Ататурк.
cooltura.mk на време ве информира, a доколку не сте во Битола имате време да се подготвите и да го погледнете овој културен настан.
Александра Овчарска