Летен фестивал на книгата во „Три“

Од денес во кафе-книжарницата ТРИ започнува Летниот фестивал на книгата, кој како и години наназад ќе им го понуди на читателите најдоброто од македонската и светската книжевна продукција.

За време на фестивалот ТРИ најавува многу нови наслови, серија промоции и средби со авторите, што заедно со својата и онака богата понуда на книги ја прави задолжителна дестинација за сите вљубеници во книгата.

Новитети во ТРИ ќе бидат неколку високотиражни светски автори – ирецот Џозеф О’Нил кој за прв пат ќе биде претставен пред македонската публика со романот „Долна земја“, роман за кој ја доби престижната награда ПЕН/Фокнер. Објавена ќе биде збирката раскази „Космикомики“ од италијанскиот писател Итало Калвино, романот „Собирач на светови“ од еден од најинтересните германски автори Илија Тројанов, „Тајните писма на калуѓерот што го продаде своето ферари“, долгоочекуваното ново дело на Робин Шарма, „Беатриче и Вергилиј“ од канадскиот автор Јан Мартел, „Свеќите горат до крајот“ од Шандор Мараи и уште многу други.

Покрај новитетите, ТРИ ги нуди и неодамна објавените хитови „1Q84“ од Харуки Мураками, „Дувачот на стакло од Мурано“ од Марина Фиорато и „Тајниот јазик на цвеќињата“ од Ванеса Дифенбо, кои се главна препорака од издавачот за ова лето.

You May Also Like