Месец на македонската култура во Канада

Oд 13-ти до 24-ти Мај, во соработка на македонските организации и македонската амбасада во повеќе градови ширум Канада, по трет пат се организира манифестацијата „Месец на македонската култура“.

Годинава се е во знакот на македонскиот пишан збор, поддржано од Влада на РМ за издавање на „Антологија  на македонски поети од Канада“, а манифестациите ќе опфаќаат и промоции на книги, изложби на слики и скулптури од македонски автори, проекции на македонски филмови и предавања за историјата и културата на македонскиот народ.

Свеченото отворање на Месецот на македонската култура се одржа во Торонто вчера (недела, 13-ти мај), со прославата на големиот јубилеј, 25 години од основањето на Литературното друштво Браќа Миладиновци од Торонто. Прославата ја отвори претседателката на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Маја Доневска Ивановска, која  пред преполната сала со Македонци од различни генерации, посветени на различни уметности и занимања, и се заблагодари на македонската Влада и Амбасадата на Република Македонија за соработката и поддршката.

Амбасадорот Љубен Тевдовски ги поздрави присутните Македонци и видните гости од Канадскиот политички и културен живот, нагласувајќи дека културните импулси на македонците во дијаспората се еднакво силни и инспиративни денес, како брановите светлина  и просвета кои се ширеа од Македонија преку мисиите на Светите Кирил и Методиј Солунски пред векови, а љубовта кон татковината и македонската култура на овие автори по многу што потсетува на вечната Т’га за Југ од Константин Миладинов. На манифестацијата беше прочитан и поздравниот говор до македонската дијаспора на директорот на Агенцијата за иселеништво, Васил Наумов.

За поезијата на Македонските автори од Канада зборуваше и поетесата Љерка Тод Наумова од Скопје, а на мотивите и достигањата на Македонските ликовни уметници во Канада се осврна познатиот академски сликар, Георги Даневски.

Во рамките на Месецот на македонската култура во Канада, ќе учествуваат и оперските пејачи Мартин Георгиевски и Јасна Динева. Тие ќе се претстават со Матине на македонски староградски песни, а во манифестацијата ќе земе учество и познатата македонска пијанистка Лили Копачкова Спасовски.

Помеѓу македонската заедница внимание предизвика изложбата на скулптури и релјефи на канадскиот скулптор Горан Гечовски, кој изработува автентични скулптури, инспирирани од археолошките откритија. За оваа изложба македонскиот амбасадор Тевдовски нагласи: „Итересен контраст претставуваат карактерот на овој канадски скулптор, кој со својата скромност и посветеност по многу приличи на вистински македонски занаетчија, и неговата уметничка природа, која создава живи тридимензионални и волуменозни претстави, кои ги облагородуваат македонските храмови и културни центри во Канада, а македонската историја и култура грандиозно ја презентираат на сите континенти“.

Македонскиот месец на културата ќе финишира во Отава, на 24 Мај, со предавањето на угледниот доктор од македонско потекло, Јован Симеон, кој по повод двесте години по почетокот на Балканските војни, ќе го презентира Дневникот, кој, токму во овој период, неговиот татко го пишувал во Битола.

You May Also Like