Оваа недела на кино програмата на Cineplexx ќе бидат прикажани два актуелни филмови номинирани за Оскар, како и нова анимирана авантура наменета за најмладите.
Најновото остварување на Квентин Тарантино, филмот „Џанго Разузданиот“ носителот на пет номинации за предстојниот Оскар и добитникот на два Златни Глобуса, ќе се најде на редовниот репертоар од 17. јануари.
Филмот е сместен на југот на Америка, две години пред почетокот на Граѓанската војна. Џанго е роб, кој суровото минато и искуство со претходните сопственици го водат лице во лице со германскиот ловец на глави, Др.Кинг Шулц. Тарантино како и секогаш ги собра на едно место најдобрите глумци, Џејми Фокс, Кристоф Волц, Леонардо Ди Каприо, Семјуел Л. Џексон. Во филмот се појавува и Франко Неро, кој во дамнешната 1966 година ја одигра улогата на оригиналниот Џанго.
На репертоарот се најде и актуелната и контроверзна приказна на оскаровски наградуваната Кетрин Бигелоу, филмот „00:30 Тајна операција“.
Филм кој го прикажува военото лудило на Блискиот Исток и се осврнува на војската на американската единица која го лоцирала, пронашла и убила Осама бин Ладен. Гледачите ги води во центарот на моќта и на првата линија на историската битка која кулминираше со специјална акција на оперативците и со напад на тајната локација на едно од пакистанските предградија. Добитник е на Златен Глобус за најдобра женска улога и номиниран за Оскар во четири категории.
За најмладите е „Авантурите на Семи 2 3D“. Продолжението на популарниот анимиран филм „Големата авантура на Семи“ говори за малата желка на своето големо патување низ океанот. Во оваа авантура Семи ќе заврши во аквариумско шоу за туристи во Дубаи, од каде што ќе мора да побегне заедно со своите морски пријатели.