Еколошка акција во Карпош

Денеска (вторник, 6 ноември, 2012) во училиштето „Владо Тасевски“ во општината Карпош, ќе се одржи манифестација која ќе го означи почетокот на големата еколошка акција за почиста околина и за подобрување на хигиенските услови во училиштата.

Настанот е во организација на компанијата Пакомак, oпштината Карпош и радиото Бубамара. Еколошката кампања ќе опфати 10 основни училишта во три скопски општини, а целта е да се поттикнат децата да го селектираат отпадот од најмала возраст и да се едуцираат за важноста од селекцијата на отпадот и рециклирањето.

За оваа цел, Пакомак во секое училиште ќе постави означен контејнер, што учениците ќе треба да го наполнат со амбалажен отпад од пластика – исклучиво со пластични шишиња од вода, од газирани сокови, јогурт, пиво, оцет и од масло. За собраниот амбалажен отпад од пластика, Пакомак ќе возврати со хигиенски средства, кои до сега беа на трошок на училиштата и родителите. Училиштето што ќе собере најмногу отпад, ќе добие и дополнителни награди.

You May Also Like