Во рамки на „Танц фест“ вечерва (сабота) на сцената Зебра, ќе биде изведен перформансот „Хамлет машина“ на ТКО театар од Келн (Германија), во режија и кореографија на Нада Кокотовиќ. Tекстот ја рефлектира судбината на интелектуалците во општеството кои сметаат дека веќе немаат што да кажат.
Утре (недела), и во понеделник (8 и 9 април), љубителите на танцот ќе ја проследат премиерата „Човек во ходникот“ – копродукција на Скопје танцов театар и ТКО театар, а на 10 април во МКЦ е „Отело“ на БИТЕФ танцов театар од Србија.
Фестивалот, чие мото е „Танц за сите сетила“, почна на 4-ти април со настап на врвните уметници од Холандскиот танцов театар во МОБ. Тие ги изведоа четирите перформанси „Бессони“, „Дежа ву“, „Соло“ и „Поинаков Јас“ за дел од кои кореографиите се на престижните светски имиња Јиржи Килиан и Ханс Ван Манен.
Вчера и завчера Скопје танцов театар – Македонија го изведе „Орландо“ на Рисима Рисимкин, инспириран од романот на Вирџинија Вулф, со кој беше отворена и сцената Зебра.
„Танц фест“ завршува на 11-ти април со четири кратки изведби на афроамериканците „Филаданко“ во Македонската опера и балет (МОБ).
Фестивалот годинава му ја додели националната награда „Менада“ за врвни достигнувања во современиот танц на македонскиот уметник и педагог Градимир Панков, актуелен уметнички директор на Големиот канадски балет од Монтреал. Освен национална, фестивалот ќе додели и специјална „Менада“ – на сопственикот на „Тинекс“ Владимир Тодорвиќ за поддршка на развојот на современиот танц, како и едно признание за придонес за развојот на танцот во Македонија – на долгогодишниот балетски корепетитор и педагог Роска Бадева.
Покровители на „Танц Фест“ се Холандската амбасада и Министерството за култура.