Манифестацијата „Невестинско поклонение“ во Крива Паланка

Во организација на општина Крива Паланка, Центарот за култура и месната заедница на село Конопница, поддржано од Македонската православна црква Охридска архиепископија денеска се одржа манифестацијата „Поклонение на Св.Теодор Тирон“ .kriva palanka

На годинашната петта манифестација „Невестинско поклонение“ пет невести заедно со своите свекрви се поклонија пред светецот во дворот на црквата „Св.Теодор Тирон“ во кривопаланечкото село Конопница.

– Целта на манифестацијата е возобновениот обичај на традиционалното поклонување на невестите да се пренесе на идните поколенија. Радува фактот што се повеќе невести пројавуваат интерес заедно со свекрвите да учествуваат во манифестацијата, облекувајќи ги и заживувајќи ги традиционалните носии карактеристични за нивниот крај, кои ги носеле нивните мајки и баби, изјави градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

Тој ја поздрави манифестацијата, што според него, стана препознатлив бренд на Крива Паланка и изрази надеж за поголема масовност во иднина.

– На овој ден во минатото сите нововенчани млади невести од околината, кои стапиле во брак меѓу двете Тодорици, заедно со своите свекрви доаѓааа да се поклонат пред светецот Теодор Тирон, заштитник на младите и породот, да се помолат за челад и благосостојба на семејството, рече архиерејскиот намесник на МПЦ, Добрислав Бошковски.

Покрај централната манифестација се одржаа и изборот на највкусен посен зелник и најубава домашна ракија, а наскоро, како што информира локалната самоуправа на Крива Паланка, ќе биде распишан и вториот конкурс за карикатури на тема „Снаа-свекрва“, инспириран од „Невестинското поклонение“.

You May Also Like