Концертот на Пендерецки на „Охридско лето“ е музички настан за 2013

Концертот на полскиот композитор Кшиштоф Пендерецки со Македонската филхармонија одржан на 3 август во Охрид, како дел од програмата на минатогодишното издание на фестивалот „Охридско лето“ е прогласен за музички настан во Република Македонија за 2013 година.

Krzysztof_Penderecki

Директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска на синоќа на одржаната свеченост во МНТ истакна дека е голема чест да се биде на чело на институција, која има богата традиција и голем успех на светската уметничка сцена.

– Уверена сум дека и следните фестивалски изданија ќе чекорат кон патот на успехот. Дозволете ми на крајот да ги поздравам залагањата на тимот што го реализира овој фестивал, без кои и немаше оваа приказна да биде така успешна. Ѕвезденото небо на „Охридско лето“ и во иднина ќе биде надополнето со бројни успеси и настапи на уште многу големи ѕвезди, истакна Јанкуловска.

Потсети дека и славниот композитор Пендерецки ја препознал големината на Фестивалот, судејќи според врвните уметници, кои настапиле на оваа сцена.

Признанието „најдобар музички организатор“ го понесе „Македонската опера и балет“, додека обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, која е долгогодишен селектор на музичкиот дел на програмата на „Охридско лето“ беше наградена во категоријата „меѓународна афирмација”.

На свеченоста беа доделени награди во уште шест категории „виртуози“ на музичката и балетската уметност за минатата година. „Дуо Кировски“ е добитник на признанието во категоријата „камерен ансамбл“, Бранка Костиќ-Марковиќ е наградена во категоријата „музички публицист“.

Македонскиот хармоникаш Александар Кловски е прогласен за „млад музички уметник“, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова – „музичко-сценски уметник“ за 2013 година, додека Љубомир Бранџолица ја доби статуетката во категоријата „композитор”. Наградата за „музички изведувач“ ја понесе диригентот Борјан Цанев.

You May Also Like