Денеска (9 март 2014 година, недела), на трим патеката на падините на парк-шумата Гази Баба, се одржа четвртата традиционална крос-кантри атлетска трка Гази Баба „XC Challenge 2014“.
Организатор на оваа атлетска манифестација е атлетски тим endurance.mk (АК Безбедност – Скопје), а еден од главните покровители кои го овозможија овој спортски настан е и Град Скопје.
Оваа атлетска манифестација се состоеше од 3 посебни трки, каде се одржа мини детска трка во должина од 500 метри, главна трка во женска конкуренција во должина од 3.000 метри и главна трка во машка конкуренција во должина од 8 000 метри. На денешните трки настапија повеќе од 200 пријавени натпреварувачи, каде секој од учесниците доби спортски пешкир со логото од тимот и трката, ПроСпорт исотоничен спортски пијалак, како и диплома за учество.
Во трката во машка конкуренција победи Митко Ценов од Бугарија, кој е актуелен Европски првак на 3.000 метри стиплчејс, како и второпласиран од последното Европско првенство во крос. Второто место го освои Јоло Николов од Бугарија, додека третото место го освои Кокан Ајановски од Македонија.
Во трката во женска конкуренција прва заврши националната јуниорска рекордерка на 5000 метри од Бугарија, Милица Мирчева, втора заврши Ангелина Јорданова, исто така од Бугарија, додека третото место го освои домашната маратонка Росица Костова.