Денеска (вторник, 19 март 2013 година) со почеток во 19:30 часот на големата сцена во Народно позориште Белград ќе се одржи Гала балетски концерт по повод 50 години постоење на Здружението на балетските уметници на Србија (УБУС – Удружење балетских уметника Србије). На свеченоста е поканет и Македонскиот балет.
Во првиот дел од концертот солистката на македонскиот балет Ивана Коцевска заедно со солистот Јован Веселиновиќ од Србија ќе одиграат адаџо од балетската претстава „Самсон и Далила“, додека во вториот, публиката во Белград ќе види адаџо од претставата „Шехерезада“ кое ќе го одиграат првенката Александра Мијалкова и солистот Васил Чичијашвили од Грузија.
Здружението на балетски уметници на Србија е единствено репрезентативно и врвно еснавско здружение во сферата на уметничкиот танц во Србија. Основано е во 1962 година. Во својот состав опфаќа професионални танчери, кореографи, балетски педагози, репетитори, критичари и теоретичари со цел заштита на заедничките интереси, унапредување на професијата, презентации и афирмации на уметничкиот танц.